обид.за.песна I

Па што

Свети една улична светилка
на изобличеното лице на градот.
Дождот отвори уста да ги закаса улиците
и песјите заби ми ги взаби в душа.
Не можам да ги слушам…
Се влечкам по старата калдрма
пијана од младост.
Па што?
Јас живеам!
Градот
ко златен заб е,
шуплив одвнатре,
нашминкан со сјајот
на едни стари дами.
Тука ќе ве чекам,
Тeбе ил Бог, не знам.
***
Јас сакам полни џебови
и сакам празно срце
но изгледите се поинакви,
а киријата се’ поскапа.
Па се грозам од сите приказни за моралот и честа
и фините роби на богољубците –
па тие решиле – ќе го лечат светот
и пишуваат наслови: “Еве што е клето!”
Се смешка градот во една светла точка
жими се, ќе те сакам и кога ќе згасне зракот!
Не веруваш и на образот ти тече светлина
кон влажната коса.
Се вртиш и заминуваш,
зар веруваш во нешто што се вика иднина?
Плаќам со страв, а не со пари
една соба над езерото и царските дрвја.
Распнете ме на некој збор од Мајаковски!
Ни минато има, ни постои утре.
Поетот човек не е, а бедно е кутре.
Секоја војна во секој век иста е и не е друга.
Со свиткан грб ил свиткана душа
ти господар си ил беден слуга.
***
Со канџите ми распараа грло
од опачина ме превртија и раскинаа на делој
месото го постелија пред народот гладен
и рекоа – еве! Еве, да се јаде!
Устата остана да пее.
Јас не лажам, проблем е –
што не знаеш да читаш.
Остај сега, живото месо не е на добра цена.
Гледај го овој народ како трча по плоштадот,
кон екранот со реклами и сива пропаганда.
Она малку душа што остана на патот
смети ја в џеб и носи ја оттука.
***
Еј, другар, здраво!
Се сеќаваш на првиот збор?
Погледот ти тонеше в јад
и крикнавме свето – зборот е подобар со музика!
Под нас брмчеа автомобилите
и луѓето одеа некаде да живеат.
Од парите назаем зедовме ракија
и луната мавтајќи со знаме бело
не прекри со ѕвезден прав.
На истите стакла
кај што образот на нашиот конобар
се сјаеше ко Богородица
ја гребевме револуцијата со нож.
Чкрипи звук на капут празен
и тој има душа…
Пеј му на светот, пеј, пеј, пеј!
Пеј ми мене, друг не сака да слуша…
И ете така, се сеќавам на твоите очи
на косата падната на левото рамо
на срцето што во еден нерв беше збрано.
Улици!
Гледајте, очите в грло, а гласот в зеници се стуткал!
Со една рака пишувам, со друга – најстрашното –
му верувам на Бога.
***
Најназад сме,
сенка на човештвото што верно го следи.
Сошиени со жили за нивните пети
гребиме со нокти по асфалтот, клети.
И глеј, сенките нешто се бунат?!
Нејќат по патот на мртвите воини,
бараат бои.
Стојте питачи, плукнете по монетите со алови крици!
Помогни ми, татко, сакам да станам…
Види на небото – летаат птици.
Се грчам во стисната тупаница на времето,
под јазикот ми спие армија од мастило.
Ги џвакам војниците во букви
и повраќам по сенките на човештвото.
***
Свети една улична светилка
на изобличеното лице на градот.
Ништо не се случува.
Само водата ги носи отпушоците
кон ќошињата на тротоарите,
А овие ги прегрнуваат ко љубовници…
Градот уште љуби
и страда и ечи и го боли –
ништо не се случува.
Еве, чекам.
По малку се подгрбавувам.
Над мене лета еден архангел
и со погрден врисок ме нарекува смртничка.
Средниот прст си игра некаква сенка под уличната светилка.
Еј, и повеќе бев љубена
од она јас живеам!
Па што?!

Обид за песна

Ја познавам секоја пукнатина
на мермерот од градските плоштади,
затоа зборувам на ти
со сите инспектори и работници.
Во букет бројки
мојот административен данок е во просјачка служба;
се нудам за нула, за обрач од баланс
и од старите усти молам за аванс
за обид за песна.

Својот пораз го славам
ко победа над фашистички режим.
Туркај Сизиф со колена ранети од палка на рација,
слободата мобилизирана сите не чека
во чашите на боемскиот џган.
А џганот пие само тогаш
кога однатре кожата се грчи во тупаница
и очите сами затворени од срам
на грбот свиен ко лак се сеќаваат,
подврзан со риза, да не тежат вековите;
тие ко совест над срамот летаат ниско
и раката устата што ќе ја покрие
којзнае во чија чаша тивко ќе се сокрие.

И така се пишуваат песни.
Некогаш со голтка, некогаш со сто.
Па ги стишуваме своите зелени гласови,
удираме по нивните железни шлемови –
сите војници на молкот и неговите синови.
Така и јас ги бирам сопствените зборови
и се срамам од детските болести
и одново ги ковам небесните драсканици.
На кој му се пее во вакви невремиња?
Нешто ко Камингс, далеку од Есенин,
ќе стави и рима да може да се пее.
А и јас сум џган без време на раѓање
и дрско ја газам сопствената школа;
од љубовни песни денес, ете:
„ги редат во стечај старите фабрики,
ја скриваат крвта во емигрантските преноќишта,
го фрлаат отровот за бездомните кучишта“.
Во јуриш од горе се разлева небо
и се крши прашината залепена за дождот
што пак во него се збира од ужас.

Ја познавам секоја пукнатина во моите гради
и сите закони носени по кратка постапка
се поетски стихови под раката што усните ги стиска;
секој обид да се живее чесно
е само уште еден обид за песна.

Ај, дојди

Еј, дојди да крвариме заедно.
Да немаме душа од ракија,
да се движиме на работ од тротоарот,
да бараме отворена продавница,
да ни фалат пари за цигари.
Дојди бе, ќе се запознаваме,
ќе спиеме на крововите од зградите,
ќе ги броиме автомобилите и моторите.
Дојди, ќе бараме отворена кафана
во ниедно време ќе бараме отворени барови.
Ќе газиме на линиите од плочките на плоштадот,
ќе се потпишуваме на ѕидови!
Еј, дојди, ќе чекаме сателити
ќе паѓаат ѕвезди и ќе мижиме за желби,
ќе бараме канти да фрламе отпушоци.
Јас ќе пеам, ти смеј ми се,
гајле ми е што звучам ко жаба
и што не сум нашминкана
и што ти се стари патиките.
Дој бе, имам нова песна и ќе ти ја читам
и ќе ти признам дека не е за тебе,
дека е за мене и за раните,
па ќе газиме по победниците, зашто се злобни.
Зашто нивните победи ни донесоја беда
и страв и ужас и длабока тага,
зашто нашата тага е на крајот од светот
и ја чуваме ко последна рима
и сами сме на фронтот кај што се брани слободата.
Дојди, ќе чекаме први сонца во првиот вир
на распуканите улици пред мојата зграда.
Ако сакаш ќе се смееме, ако не… не знам.
Пак ќе се смееме, зашто така се научивме.
Робови се, ситни души во новите градови
изгледаат како кукли од излози,
но јас имам палка за тие излози,
ти имаш муда за кршење.
Ај дојди, ќе бегаме заедно и нема да не фатат.
Ќе ми признаеш дека ме отсака кога ги прочита стиховите,
ќе ти признам дека се фарса ко Скопје 2014.
Ќе се налутиш, ќе се опијам, ќе допиеш,
ќе се расправаме зашто си глупав и не си убав,
ќе те фатам за рака и ќе те носам дома.
Нема да спиеме, нема да зборуваме, ќе молчиме
полусвесни на кујнскиот под,
веќе се заутри, чуј ги комшиите, сите се вработени,
се смееш, до кога вака ти велам,
засекогаш, шепотиш така.
Ај, дојди…

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s